Свет
15. September 2020 - 8:45

Во Велс случајно објавени податоци за 18.000 заболени од Ковид-19

Личните податоци на 18.105 жители на Велс, за кои е потврдено дека се заболени со новиот коронавирус, случајно беа прикачени на јавен сервер и достапни на интернет 20 часа во август, соопштија од велшкиот јавен здравствен систем.

Причината за истекувањето на податоците е индивидуална човечка грешка, објави велшкиот јавен здравствен систем, додавајќи дека е нарачана надворешна истрага за истекувањето на податоците и дека се преземени чекори за да се спречат слични инциденти.

„Засега нема докази дека податоците биле злоупотребени“, се вели во соопштението. „Сепак, признаваме дека ова ќе предизвика загриженост и вознемиреност и длабоко жалење што, во овој случај, не успеавме да ги заштитиме доверливите информации за жителите на Велс“, се додава во соопштението.

Податоците беа објавени вечерта на 30 август и можеа да ги пребарува секој корисник на веб-страницата на јавниот здравствен систем на Велс додека не беа отстранети следното утро.

Јавниот здравствен систем наведува дека во повеќето случаи, односно од 16.179 лица биле достапни иницијали, датум на раѓање, географска област и пол, поради што постои мал ризик за идентификација.