Македонија
5. February 2016 - 17:43

Во Велешкиот театар вечер претпремиера на „Медеја“

 На сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес вечер претпремиерно ќе биде изведена претставата „Медеја“ работена по мотиви од Еврипид на текст на Сашо Димовски во режија на Ненад Витанов.

Според авторот на текстот Сашо Димовски, во претставата има испитување на границите на човековото битие, на неговата емоционална состојба и испитување на потеклото на ужасот.

- Оваа мојата Медеја не почнува со нејзиното отуѓување од родниот крај, туку ја претставува Медеја во времето пред таа да стане жена на Јасон. Каде почнува приказната за Медеја, претставата е двојна историја. Дел од претставата е сместен во сегашност, што зборува за бесмртноста на безвременската Медеја, потенцира Димовски.

Во претставата на која се работеше во изминатите три месеци во главните улоги на настапуваат актерите на Битолскиот театар, Габриела Петрушевска како Медеја и Огнен Дранговски како Јасон. Со нив на сцената ќе настапат и актерите на Велешкиот театар: Зорица П. Панчиќ, Фаик Мефаилоски, Жарко Спасевски, Владимир Тулиев и Талија Настова.

Музиката во претставата ќе биде изведена во живо и е комбинација на етно и модерен звук, авторство на Сашко Костов, а костимите се на Катерина Чукниева.

Инаку, претставата премиерно ќе биде изведена утревечер, а во рамки на фестивалот „Дамите на езерото“ финансиран со средства од ЕУ во рамки на македонско-грчкиот проект од Програмата за меѓугранична соработка на ФАД „Стоби“ од Велес со Здружението за култура „Преспа“ од Лерин.

Претставата кон крајот на месецов ќе биде изведена и во Лерин соседна Грција, а летоска ќе биде дел од програмата на Фестивалот на античка драма „Стоби“.