Македонија
25. March 2016 - 17:59

Во велешкиот регион лани немало бруцелоза кај стоката

Минатата година  во Велешко не е регистриран ниту еден случај на бруцелоза кај стоката, информираат од  Ветеринарната станица во Велес врз основа на проверката на терен со испитување крв кај овци и кози.
 
- Добро е што бруцелозата која пред десетина години ја десеткуваше стоката во велешко сега ја нема, што се должи на нашите континуирани акции за испитување на крвта кај стоката и евиденција и  вакцинација на подмладокот на стоката против оваа болест, како и одличната соработка со сточарите, вели д-р Димче Димитриевски, директор на Ветеринарната станица во Велес.
 
Димитриевски информира дека годишното вадење крв за проверка на бруцелоза кај стоката-овци и кози кое секоја година започнуваше во март годинава ќе почне во мај. - Освен проверка на крв кај овците и козите воедно паралелно ќе се врши и вакцинација против бруцелоза  на подмладокот  на стоката, а со цел за  навремено и превентивно  да се заштити од оваа болест,  најавува Димитриевски.
 
Стручните екипи на Ветеринарната станица деновиве започнаа и со годишниот попис на овци и кози за 2016 година во поширокиот велешки регион во кој се вклучени општините Велес, Градско и Чашка. Според нивната  евиденција, лани во овој регион биле попишани 45 грла на овци и кози.
 
- Инаку и покрај вака поволната состојба, акцијата за испитување на крв кај стоката за утврдување на бруцелоза, а согласно зацртаната Програма за превенција на стоката во земјава   ќе трае до 2020 година, а кога и треба да се утврди дали оваа болест-бруцелозата  целосно е искорената кај стоката, појаснува  Димитриевски.