Македонија
6. September 2018 - 20:43

Во Велес трибина за давање прва помош при сообраќајни несреќи

Општинската организација на Црвен крст од Велес по повод претстојниот 8 септември  Светски ден на првата помош, денеска во салата на локалната библиотека во Велес одржа едукативна трибина со средношколците од градот  за давање на прва помош при сообраќајни несреќи.

На трибината говореа Славица Темелковски од Основото јавно обвинителство во Велес, Верољуб Додевски началник на секторот за превенции при СВР Велес и Јадранка Мишкова од Службата за прва помош при ЈЗУ Здравен дом  Велес. Тие секој од свој аспект  и од секојдневната работа ги информираа учениците за  превенцијата и последиците од сообраќајни несреќи.

Славица Темелковски потенцира дека младите и сите учесници во сообраќајот треба да ги почитуваат пропишаните правила и прописи, а за да не дојде до сообраќајни незгоди со жртви.

Верољуб Додевски од СВР Велес, алармира дека секоја година на патиштата во земјава во сообраќајки  гинат неколку стотина луѓе, а  претежно и за жал тоа  се  млади на возраст од 18 до 29 години.

Додевски апелира до младите и нивните родители да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи пред се’ за задолжително носење на заштитни кациги за мотоциклистите и врзување на ремен во автомобилите и да не разговараат  на мобилен додека возат.

- Со тоа ќе се заштитите својот и животот на останатите, потенцира Додевски.

Јадранка Мишкова од Службата за Брза помош потенцира дека е многу важно младите да научат и се обучат да даваат прва помош при несреќи.

- Првата помош која треба да ја дадат на лице место  случајните минувачи кои се нашле на местото на настанот е законска обврска на секој граѓанин, но многу важно е таа треба да биде правилно изведена, а додека да дојде нашата медицинска екипа. Заради тоа ние денеска ќе им  демонстрираме на присутните средношколци постапка за  правилно давање на прва помош, а која треба да ја научат за да ја изведат и  правилно за да не им направат поголема штета  на веќе повредените лица, појасни Мишкова.

Веднаш потоа екипа на волонтери на ООЦК Велес под менторство на д-р Мишкова на нивните врсници средношколци присутни  во салата и   практично им демонстрираа  како правилно се згрижуваат повредени и настрадани во сообраќајни несреќи.