Македонија
11. January 2017 - 17:21

Во Велес спасена премрзната 80-годишна старица

Осумдесетгодишната Милка Климкарова од месноста Дворови во центарот на Велес била спасена од премрзнување во нејзиниот студен дом. Старицата веднаш била однесена во Велешката општа болница на Интерното одделение, со премрзнатини на нозете и прегладнета.

Како што соопшти општина Велес, кои ја спасиле старицата, Милка живеела сама во својот дом, иако имала внуци кои повремено доаѓале. Таа сама си купувала храна или одела во народната кујна, но деновиве не можела да излезе од дома поради големиот студ и ниските температури. За нејзината состојба, соседите ја известиле полицијата, а тие локалната власт.

Синоќа по полноќ во нејзиниот дом пристигнале претставници на општина Велес и градоначалникот Славчо Чадиев, кои замрзнатата старица итно ја однеле во болница.

Лекарите веднаш и пружиле медицинска помош и старицата е во стабилна состојба. Се уште е во болница на закрепнување од големите длабоки рани на нозете од замрзнувањата.

- За состојбата со старицата беа известени надлежните од Центарот за социјална работа, кои по нејзиното пуштање од болница треба некаде да ја згрижат бидејќи таа не е бездомник и има дом, но за неа нема кој да се грижи. Помош најавија и од Општинскиот Црвен крст, појаснува Орце Николовски од општина Велес.