Македонија
20. November 2019 - 11:34

Во Велес промовирана книгата „Маалски прикаски (1 + 2)“ од Синиша Станковиќ

Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше промовирана книгата „Маалски прикаски (1 + 2)“ на новинарот и писател Синиша Станковиќ.

Книгата содржи 65 маалски прикаски и 25 фотографии од девет познати македонски фоторепортери.

Промоцијата беше збогатена со евергрин музика, а актерите Јордан Витанов и Жарко Спасовски читаа фрагменти од книгата. Настапија и млади велешки музичари – ученици во Гимназијата „Кочо Рацин“.

Како што појасни авторот Синиша Станковиќ за него маалото не е географија. Неговото маало е Карпош маало, но животот направил селејќи се да живее во десет-дванаесет скопски маала.

– Сфатив дека сите маала се исти иако секое има свои специфики. Овие херои на улицата кои ги имаме, се исти во сите маала. Значи ликовите се исти независно дали е велешко или скопско маало. Маалата сега изумираат насекаде во земјава поради брзиот начин на живот и отуѓеноста, што прави никој да нема повеќе време ниту за првиот сосед. Оваа моја книга затоа не е моја жал за младоста, тука да се потсетиме на вредностите и критериумите кои некогаш постоеле помеѓу на семејствата од комшилукот, потенцира авторот Станковиќ.

Тој досега книгата ја промовира во седум града, а по Велес вечерва таа ќе биде промовирана и во Штип. До крајот на годинава ќе ја промовира и во Охрид, а промотивната турнеја планира да ја заврши во своето Карпош маало во Скопје.

Инаку првата негова книга „Маалски прикаски“, во која беа содржани 30 приказни излезе од печат во 2007 година.