Македонија
21. јуни 2017 - 11:42

Во Велес промовиран романот „Доилката“на Лилјана Пандева

Во Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес синоќа беше промовиран романот „Доилката“ на Лилјана Пандева  добитник на наградата за прозно  остварување „Стале Попов на ДПМ за 2016 година.

Романот го промовира проф д-р Кристина Николовска која појасни дека романот е морничава и нежна вонвременска приказна за љубовта како доење, за страста како хранителството во спознанието, за бестрашноста, но и страшноста, за внатрешните земјотреси, но и за надворешната зачмаеност, за спознанието како убавина и убавината како спознание, за препородот како врвна сезаборав, но и за проклетството и грозотијата на заѕиданите тајни.

- Во овој роман и само во овој роман ќе ја откриете страста како хранителството на спознанието. Страста како жед за откривање,за осознавање, сознавање... Страста како микроприказна, вгнездена во микроприказната, страста како водилка и како мотив. Мотив пред смртта. Романот е химна на внатрешните „земјотреси“, оние невидливи „земјотреси“ кои однатре не тресат. Љубовни земјотреси. Но и спознајни земјотреси. Преку кои осознаваме и откриваме. Романот е крик против надворешната зачмаеност и против званичните „зандани“ кои си го поставуваме и денес, појасни Николовска.

АвторкатаЛилјана Пандева рече дека наградата и е посебно драга и навистина многу и значи, бидејќи романот бил во една многу силна конкуренција, бидејќи книгите кои биле во потесен круг добиле исто така награди од големо значење во Македонија.

- Ова е мое шесто прозно дело по ред, а имам и една стихозбирка поезија. Овој роман се разликува од останатите мои дела бидејќи во нив работев современа тематика, а овој роман е љубовен роман со историска заднина, лоцирана некаде во 7 век, а станува збор за вистински лик кој постоел и чија приказна се одвивала во училиштето во околината на Солун, појаснува Пандева.

Освен романи авторката Лилјана Пандева која е магистер по филолошки науки, пишува и едночинки за деца-драмотели напишани во стих. Таа вели дека секој раскажувач или драматург на почетокот бил пред се поет.