Македонија
1. September 2018 - 9:03

Во Велес панел дискусија за заштита на животната средина и подобрување на земјоделството

Делегацијата на ЕУ во Македонија синоќа во Велес ја одржа првата од најавените повеќе панел дискусии со граѓаните низ градовите во земјава.

Амбасадорот на ЕУ Семуел Жбогар пред присутните појасни дека ги организираат овие панел дискусии со две причини, а првата е да разговараат со граѓаните во врска со ЕУ.

- Втората причина мислам дека е поважна бидејќи ние како ЕУ сакаме да ве сослушаме вас како граѓани на Македонија, вашите коментари и полемики, вашите прашања во врска со состојбите во вашите општини и што е тоа што вас ве засега. Имајќи во предвид дека ние како ЕУ обрнуваме огромно внимание на животната средина и свесни сме за тоа, токму заради како главна тема на расправа во Велес одбравме тоа да биде животната средина. Ние како ЕУ сме свесни дека тоа е многу актуелно прашање од големо значење на Општина Велес, потенцира Жбогар.

Само кога сте обединети сте посилни, потенцира Жбогар одговарајќи на прашањето што прави ЕУ за своите членки односно граѓани.

- Можете да направите далеку повеќе отколку кога сте сами. Сега кога во светот има немирни води и бури и во такви времиња е подобро да се биде на крузер отколку на мал брод или чамец и кога сте дел од едно големо семејство тогаш сте посилни и позаштитени отколку кога сте сами со себе, потенцира амбасадорот Жбогар.

Тој додаде дека токму вредностите на ЕУ и помогнаа нејзиниот глас да биде слушнат ширум светот.

Во врска со прашањето за менаџирање на сметот во Општина Велес, тој потсети дека во 1991 година и Словенија и Македонија ги имале истите стартни позиции и дека тогаш не било прашањето дали треба да се почне со рециклирање на сметот.

- Тоа што го прави ЕУ, е да ги форсира земјите членки да можат барем 50 отсто од сметот да го рециклираат и тоа до 2020 година треба да го постигнат земјите членки на ЕУ. Сакам да ве информира дека Словенија веќе има постигнато 60 проценти на рециклирање на смет, и таа е речиси најчиста земја. ЕУ не ги помага земјите членки само со директиви, туку и со фондови со финансиски средства за оваа цел да може да биде постигната, нагласи Жбогар.

Модераторот Убавка Јаневска го информира амбасадорот Жбогар за еколошките проблеми на Велес, а кои преку анкета ги посочиле граѓаните на од овој град.

Тоа се црниот рид од згура со тешки метали на Топилницата која 15 години не работи, Варницата во Превалец, а која со бела прашина ги труе граѓаните на велешките населби Тунел и Керамидна. Граѓаните го посочиле и проблемот со градското ѓубриште кое секое лето гори и од кое со токсични и канцерогени материи се нарушува здравјето на граѓаните, заради што е потребно изградба на стандардна регионална депонија. Потоа за големиот број на свињарски фарми во некои од велешките и приградските населби, за потребата да се стават во функција двете мерни станици за состојбите на воздухот во градот, за пречистителна станица на водите во реката Тополка од која преку ХС „Лисиче“ се снабдува со вода за оиење граѓаните на Велес и уште неколку населби, како и за потребата од изградба на пречистителна станица на Вардар.

Велешани во анкета посочиле и за проблемот со несоодветното сообраќајно решение во градот, за нерешената атмосферска канализација, како и за многу други проблеми.

Во врска со проблемите во земјоделието, проф д-р Злате Арсов од Земјоделскиот факултет во Скопје побара од Делегацијата на ЕУ во земјава да изнајде средства за доизградба на ХС „Лисиче“ во делот за наводнување на жедните земјоделски површини во велешкиот регион. Воедно зпелираше за помош и за окрупнување на земјоделското земјиште на ситните земјоделци во земјава.

Еколозите од ЕД „Вила Зора“ побараа да се прочисти загадената со тешки метали почва на земјоделските и јавни површини во градот.

Воедно земјоделците побараа и повеќе трактори. На тоа амбасадорот Жбогар посочи дека досега од ЕУ фондовите доделиле средства за набавка на 585 нови трактори, а дека тој сега дознал дека во земјава има 20 илјади трактори. Во контелст на тоа предложи здружување на земјоделците и со еден трактор да се користат повеќе земјоделци.

Воедно земјоделците се пожалија на големата и тешка процедура на ИПАРД програмата за добивање на трактори, за системите за наводнување и друга неопходна опрема и механизација за унапредување на земјоделството.

Амбасадорот Жбогар внимателно ги сослуша сите проблеми на граѓаните на Велес и вети дека ќе разговара со надлежните за подобро спроведување на законите кои постојат. Тој им предложи сите тие да се здружат, зошто само така здружени ќе бидат посилни за решавање на нивните проблеми, а за некои од нивните проблеми ќе се обиде тие да добијат финансиски средства од ЕУ фондовите.

Следната панел дискусија Делегацијата на ЕУ во земјава ја најави за 4 септември во Прилеп.