Бизнис
1. July 2019 - 19:28

Во Велес отворен третиот бизнис акцелератор во земјава

Стартап компаниите и нивниот развој се клучот за решавање на проблемот со иселувањето на младите. Претприемачите сметаат дека токму приватниот сектор нуди шанса за успех на младите.

-Јас не се согласувам со тврдењата на многумина млади дека нема работа во нашата држава. Секој може да успее доколку работи на своите вештини и добро го истражи пазарот на трудот, да се истражат барањата на луѓето, нивните проблеми и потешктиите при нивното работење, вели младиот претприемач Филип Андоновски.

Во Велес беше отворен првиот бизнис акцелератор надвор од главниот град. Тој има за цел финансиски да ги подджи стартап компаниите.

-Првата фаза изнесува до максимум 30.000 евра и ќе биде дадена на компании кои ќе влезат во предакцелераторската програма. Втората фаза се подразбира за 2-3 стартапи кои ќе покажат најголем потенцијал и потреба за дополнителна инвестиција за брз раст. Оваа инвестиција ќе биде до максимум 70.000 евра, вели Милан Димитриевски, управител на Акцелераторот во Велес.

Освен финансиска помош, стартапите ќе добијат и консултантски и менторски услуги.

Според директорот на Фондот за иновации, веќе се гледаат економски резултати од вложувањата во компаниите. Лани Фондот поддржал 250 претпријатија.

Овој бизнис акцелератор е трет во државава, претходно два беа отворени во Скопје. Ваков начин на поддршка на компании скоро 30 години функционира во Израел, и со помош на ваквите акцелератори создадени се компании кои тежат милијарди евра.