Македонија
16. August 2021 - 17:17

Во Велес огромен интерес за вакцинација против Ковид-19

На пунктот за вакцинација во Здравствениот дом во Велес денеска беа вакцинирани 580 лица од сите возрасти и со прва и втора доза.

Како што информира за МИА, д-р Марина Тодоровска координатор на вакциналниот пункт, велешани и понатаму покажуваат огромен интерес за вакцинација, односно да се заштитат од болеста Ковид-19.

– Денеска од 7:30 до 15:30 часот се вакцинираше со прва доза од вакцината „Фајзер и „Астра Зенека“ и втора доза од кинеската „Синовак“ и втора доза од „Астра Зенека“ и „Фајзер“ и имаше од сите возрасти, информира д-р Тодоровска.

Воедно информира дека одлично се спроведува и теренската вакцинација со втора доза во селата во Општина Чашка, а денеска нивните медицински екипи вакцинирале жители на селата Бистрица, Ореше и Нежилово, а со теренската вакцинација продолжуваат и во наредните денови.

Поради големиот број на лица над 60 години кои треба да се вакцинираат со втора доза „Астра Зенека“ од утре, 17 август, па и во наредните денови, на 18 и 19 август, ќе биде отворен масовниот пункт за вакцинација во Спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“ и истиот ќе работи и на 30 и 31 август.