Македонија
16. March 2017 - 16:17

Во Велес одбележан Денот на Црвениот крст на Република Македонија

Општинската организација на Црвен Крст Велес денеска свечено го прослави Денот на Црвен Крст на Република Македонија 17-ти март.
 
Милчо Трајков претседател на Општинскиот Црвен крст и воедно на Републичкиот одбор на Црвениот крст на Македонија  потсети дека Црвениот крст на Македонија годинава  прославува 72 години од своето постоење и дека Општинската организација од Велес е меѓу најдобрите во Македонија  и е на трето место.
 
-Пред една година Црвен Крст на Република Македонија стана прво сертифицирано национално друштво во рамки на 190 држави во светот.Тоа е голем успех и тоа зборува за заложбите и активностите на националното друштво и неговиот квалитет, потенцира Трајков.
 
Информира дека од крводарителите од  Општина Велес заедно со општините Градско и Чашка лани биле собрани вкупно 4.044 крвни единици.
 
На свеченоста беа доделени признанија на најуспешните организации и поединци за крводарителството во 2016 година, а на доброволните крводарители кои минатата година дарувале крв по 50, 75 и 100 пати им беа врачени благодарници.
 
За стопати доброволно дарувана крв и својата голема хуманост да спасат нечиј живот , благодарници добија крводарителите:Томе Андов,Никола Цековски и Ѓорѓи Митов.
 
Признанија за унапредување и омасовување на крводарителството во 2016, беа доделени на ЈЗУ Општа болница Велес, Средното стручно општинско училиште „Димитрија Чуповски“, крводарителите од Населба Чашка и на Валентина Шкрекова волонтер и мотиватор за крводарителство.