Македонија
18. December 2015 - 8:39

Во Велес македонска премиера на „Блесок“ на Скопје танцов театар

На големата сцена на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ синоќа се одигра македонска премиера на претставата „Блесок“ на Скопје танцов театар, во кореографија на Валентино Апостоловски, Андријана Андреева и гостинот од Италија Антонело Тудиско.

Во еден здив со брзо темпо на сцена беше одиграна современа танцова претстава со прекрасна различна музика, а  во три дела: „Кој и да е..“ за човекот и стравот, „170 степени“ за човекот кој се обидува да го најде своето место „под небото“ и „Chiaroscuro“ за човекот - уметник.  во кореографија на Валентино Апостоловски, Андријана Андреева и гостинот од Италија, Антонело Тудиско.

Во „Блесок“ настапија и добија долг и силен аплауз од велешката публика: Валентино Апостоловски, Матеа Киселичка, Адријана Данчевска, Симона Спировска, Андријана Андреева, Александра Петрушевска, Анастасија Данчевска, Јакуб Мунко, Дејан Битровски и Тринга Хуса.

По премиерата во изјавата за МИА Рисима Рисимкин уметнички директор на Скопје Танцов Театар, изјави дека е презадоволна од настапот посебно од реакциите на публиката, која  со одушевување зборувала за претставата.

- Воедно во еден дел од претставата своја прва кореографија и деби имаше една од нашите танчерки сега веќе и кореограф Андријана Андреева, а која покажа една голема зрелост во нејзината прва кореографија,потенцира Рисимкин.

Рисима оцени дека со оваа танцова претстава воедно завршуваат уште една од нивните успешни години и секогаш се трудат да бидат што подобри.

Андријана Андреева танчер и кореограф, изјави дека е презадоволна од претставата посебно од танчерите.

- Тие   ги следеа моите инструкции и целосно се посветија на мојата идеја преточена во игра. Најбитен ми беше процесот за тоа како ќе го изработиме делото бидејќи се работи за страв, а сите ние го имаме во себе тоа природно чувство. Им велев да се водат по својот сопствен страв за да можат да го искажат тоа на сцена и сега сум презадоволна како  сето тоа го изведоа на сцената, потенцира Андреева.

Кореографот Антонело Тудиско од Италија, вели дека е многу задоволен од првиот впечаток во изведбата на претставата пред публиката.

- Играта со една група танчери е еден вид на процес, а кој јас веќе успешно го започнав и планирам да го продолжам и со други успешни кореографии со танчерите од Скопје Танцов Тетар, најави Антонело Тудиско.
 
Рисима Рисимкин најави дека по Велес, оваа танцова претстава „Блесок“ ќе биде изведена во Скопје, а идната година планираат и гостување во Италија и Германија.