Македонија
14. July 2019 - 20:50

Во Велес акција за чистење на коритото и крајбрежјето на Вардар

Велешкото здружение за безбедност на вода и планина „Македонски спасител“ во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање денеска изврши еколошка акција за чистење на бреговите и коритото на реката Вардар во Велес.

На потегот од Нов мост преку Мало Мовче до Стар мост во централното подрачје на градот шестмината учесници-спасители на вода собраа шест големи црни вреќи со ситен и среден отпад од брегот. Воедно од коритото на Вардар собраа исечено дебело дрво, а во соработка со екипи на ЈКП „Дервен“  од водите на Вардар извадија дрвја, гранки, колтуци, како и еден кревет и еден браник од автомобил.

Како што информира за МИА, Зоран Кимов од Здружението, целта на оваа акција е да се придонесе за почисто крајбержје и побезбедно корито на Вардар.

-Вардар во минатото беше омилено место за рекреација на велешани, последниве години ретко кој рекреира покрај него, а ова место е најпосетено од рибарите и по некој посетител. Ние членовите на нашето Здружение преку еко-скици сакаме да придонесеме за почисто крајбрежје и побезбедни води, за велешани во иднина повторно почесто да го посетуваат. Затоа апелираме до сите граѓани да ја чуваат реката и крејбрежјето, а отпадот да го фрлаат во канти и контејнери за отпадоци, потенцира Кимов.

Оваа акција е дел од проктот „Чувари на Вардарското крајбрежје“, а следната ваква акција е планирана да се изведе во  август, најави Кимов.