Македонија
23. September 2022 - 16:43

Во услови на криза СОЗР набавува морска храна за 20,000 евра

По рекациите во јавноста дека Владата неконтролирано троши државни пари за луксузирање, односно околу 20.000 евра за морски плодови во ек на економска криза, владините служби објаснуваат дека тоа е тековна нарачка за цела година, а колку ќе се изеде толку и ќе платат. Морската храна и рибата ќе се служи во сите ресторани кои се под надлежност на службата за општи и заеднички работи на Владата, а ќе има и за претседателот на државата, на Собранието како и за други државни институции.

“Во распишана јавна набавка се користи максималната можна сума или количина на производи која би можела да се искористи, а не точната сума или количина на производи. После истекот на календарската година, се фактурираат само потрошените односно набавените производи.Тоа значи дека кога се распишува јавната набавка, не се доставуваат сите производи и количини, туку низ цела година според потребите на различните институции, а потоа се фактурира само според потрошеното, кое може да биде под максималната сума на набавката.”

Министерот за финансии пак, вели дека и со енормното поскапување на струјата, сите институции успеале да ги намалат трошоците за стоки и услуги.

Граѓаните живеат на раб на сиромаштија, се преживува со 150 денари на ден, а Владата се луксузира и троши 20.000 евра на октоподи, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

“Лицемерната влада бара од граѓание да штедат, а тие аздисуваат со набавки на морски плодови. Службата за општи и заеднички работи при Владата среде криза ќе потроши над 20 илјади евра за морска храна. Ова е спротивно на најавите кои ги имаа во влада дека ќе ги редуцираат луксузирањата.”

Покрај морските плодови, за набавка на месо каде спаѓа и јунешки бифтек и јунешки рамстек од А категорија Владата дополнително ќе одвои околу 50.000 евра.