Македонија
23. December 2016 - 11:23

Во турските воздушни напади врз Ал Баб убиени најмалку 88 цивили

Најмалку 88 цивили се убиени во последните 24 часа во турски воздушни напади врз сирискиот град Ал Баб, упориште на групата Исламска држава во северна Сирија, покажуваат податоците на Сирискиот центар за мониторинг на човековите права. 

Градот Ал Баб вчера беше цел на неколку турски воздушни напади, во кои беа убиени 72 цивили, вклучувајќи и 21 дете, а новите денешни воздушни напади врз град загинаа уште 16 цивили, вклучувајќи и три деца, посочува Центарот, чие седиште е во Велика Британија.

- Во последните 24 часа се убиени 88 цивили, изјави директорот на Центарот, Рами Абдел Рахман.

Според него, станува збор за најсмртоносниот напад, изведен од турските сили од почетокот на турската воена интервенција во северна Сирија.

Турција на 24 август ја почна операцијата „Еуфратски штит“, која имаше за цел да го исчисти реонот долж границата од борците на Исламска држава и од групата на сириските Курди, Сили за заштита на народот, која Анкара ја прогласи за терористичка организација.

Турските сили и сириските бунтовници, кои ги поддржива Анкара, со недели се обидуваат да го ослободат градот Ал Баб од ИД. Градот се наоѓа на само 25 километри од турската граница.

Во борби со џихадистите токму во реонот на Ал Баб во средата беа убиени 16 турски војници.

ИД вчера лиферуваше видео материјал на кој се гледа како нејзните борци палат двајца живи турски војници.