Балкан
19. October 2017 - 9:10

Во Турција само државно одобрени сунитски свештеници ќе можат да склучуваат бракови

Парламентот во Турција усвои нов закон според кој само сунитски свештеници, кои се одобрени од државата, стекнуваат право да регистрираат бракови, објави Си Ен Ен Турк.

Предлагачите од Партијата на правото и развојот на претседателот Реџеп Тајип Ердоган и поддржувачите на законот сметаат дека таквата одредба одговара на културните потреби на Турците и ќе ги спречи заедничките живеења без брак. 

Опозициската Народно републиканска партија изрази голема загриженост од поделбата меѓу религијата и државата. Прокурдската Демократска партија на народите исто така се спротивстави на законот. Нејзин пратеник изјави дека со овој закон се прекршуваат правата на жените за развод.

Според некои аналитичари, новата мерка не им дозволува еднакви можности на оние кои не ја признаваат сунитската варијанта на исламот.

Според Уставот, Турција е секуларна држава, но во последните години се интензивираа исламистичко-конзервативните тенденции.