Македонија
16. December 2015 - 13:09

Во Тирана иницијален состанок од Проектот за интегрирано управување со водите од Дримскиот басен

Се надевам дека за време на имплементацијата на проектот за Дрим, целосно ќе ги исполниме зацртаните цели. Верувам дека ќе успееме да оствариме консензус меѓу засегнатите страни, вклучувајќи ги и актуелните теми како климатските промени и варијабилноста и ќе го трасираме патот за систематска соработка на полето на прекуграничното управување со басенот на реката Дрим.

Ова меѓу другото го истакна заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски, на денеска одржаниот состанок во Тирана со кој започнува имплементационата фаза на ГЕФ проектот за „Овозможување на прекугранична соработка и интегрирано управување со водените ресурси во поширокиот Дримски басен“.

Темелковски изрази уверување дека различните модели и проекти кои ќе бидат демонстрирани ќе овозможат поддршка на Националните планови за управување со нивото на речниот басен преку институционално зајакнување на интегрираното управување со речниот басен.

Проектот за Дримскиот басен што се реализира со финансиска поддршка на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ) стартува со имплементацијата на петте компоненти и тоа - консолидација на зедничкото знаење во Басенот – со цел заедничка анализа и мониторинг, изградба на основа за заедничко управување - изготвување на Стратешки план за басенот, институционално зајакнување со цел формирање заедничка Дримска комисија, демонстрација за технологии и практики преку пилот-проекти во басенот, како и инволвирање на јавноста во донесување на одлуките преку подигање на јавната свест. 

- Почетокот на имплементација на проектот за Дримскиот басен доаѓа после многу работа и верба во визијата за нашиот регион. Меѓународните институции ја препознаа таа визија и го поддржаа проектот. Ова ќе биде најголем предизвик од сите досегашни процеси на кои сме работеле, но навикнати сме веќе да сме пионери во управувањето со водените ресурси во нашиот регионот, рече Дејан Пановски, еден од иницијаторите на проектот воочи состанокот во Тирана.

Придобивките од имплементацијата на проектот се еколошка заштита во Басенот, размена на мониторинг-податоци од сите страни, мерки против поплави, заштита на екосистемот преку пилот-проекти, изготвување заеднички план за управување што ќе го подобри управувањето, посебно на Охридското Езеро, како основа и промоција на Басенот како туристичка атракција.

Самиот Проект за Дримскиот басен е продолжение на веќе парафираните меѓународни договори и проекти како што се Охридската декларација за Дрим, на процесот „Дримски дијалог“ започнат во 2009 година и Меморандумот од 2011 година за заедничка визија од страна на петте држави како рамка на целиот процес. Во ГЕФ проектот за Дримскиот басен учествуваат Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово и Грција како партнер. Имплементациона агенција ќе биде УНДП, а носители на активностите се Министерствата надлежни за животна средина од сите инволвирани држави. Предвидено е во активностите на Проектот да учествуваат голем број на надлежни институции, локални самоуправи, невладин сектор и други субјекти. Проектот е предвидено да трае четири години, за чија реализација преку ГЕФ се обезбедени 5,5 милиони долари кои ќе се имплементираат преку надлежните министерства.