Свет
3. December 2016 - 10:17

Во тимот на Трамп најголемите богаташи - врвот на Вол Стрит, Волт Дизни, ИБМ...

Новиот претседател на САД Доналд Трамп, кој на главните позиции во својот кабинет постави мултимилионери, вчера го најави и новиот Советодавен одбор, во чиј состав ќе бидат лидери од Вол Стрит и познатите корпорации, вклучувајќи ги Волт Дизни, Волмарт и ИБМ. 

Тие ќе бидат во состав на Стратешкиот и полиитчки форум на Трамп, со задача да му помогнат на новиот претседател да го спроведе „својот план за зголемување на вработеноста и ветувањето дека Америка повторно ќе ја направи голема“. 

Со Одборот, кој прв пат ќе се состане во Белата куќа на почетокот на февруари, ќе преседава Стивен Шварцман, генерален директор и коосновач на корпорацијата Блекстоун, која управува со активи вредни 361 милијарда долари.

Во составот на Одборот се и лидерите на две корпорации, кои се членови и на Советот за извоз на претседателот во заминување Барак Обама, генералниот директор на Дизни Роберт Ајгер и директорот на ИБМ Вирџинија М. Ромети.

Трамп меѓу членовите на тоа советодавно тело го назначи и Џејми Дајмон, директор на корпорацијата ЏиПи Морган Чејс, кого некои го споменуваа како можен кандидат за министер за финансии. 

Меѓу членовите се и Лери Финк, кој се наоѓа на чело на компанијата БлекРок, генералната директорка на Џенерал Моторс Мери Бара, првиот човек на Волмарт Даг Мекмилон и поранешниот гувернер на Федералните резерви Кевин Ворш.

- Форумот е составен од директори и деловни луѓе, кои знаат како да отворат нови работни места и да го поттикнат стопанскиот раст, изјави Трамп, додавајќи дека неговата администрација е посветена на користењето на стручноста од приватниот сектор.