Македонија
28. September 2020 - 8:48

Во Тиквешко се краде и од нива, измами при посредување за работа во странство

Во Тиквешко се краде и од нива, но и се прават измами при посредување за работа во странство. Ова го потврдуваат за МИА од Секторот за внатрешни работи Велес, кој е надлежен за општините од најголемиот лозаровинарски регион. Изминативе денови кавадарчанка ни се пожали дека непознати крадци ги демнеле додека береле грозје на лозјето и од тракторот им украле еден новчаник и околу 7,5 илјади денари.

Ги виделе крадците со коњ, ама како в земја да пропаднале

Кавадарчанката Маја Наќова Јаневска ја имала истата судбина. Биле ограбени додека работеле на нивата во месноста Танко патче, на заобиколницата. Случајот го пријавиле во полиција.

-Бевме на лозјето да го лачиме. Колата беше на меѓата, а ние при крај од редот си работевме. Ние всушност ги видовме крадците, млади лица, како се движат со многу убав голем пепеласто сив коњ некарактеристичен за Кавадарци, со коњска кола, на неколку метри од нас. Но не знаевме дека тие всушност ја извадиле мојата ташна од колата додека минувале. Во ташната имав пари, мобилниот телефон, личните документи и кредитните картички моите и на сопругот, или вкупна штета од околу 500 евра. Башка нервозите и што ќе се губи сега време за вадење нови документи. А коњот како во земја да пропадна, од крадците ни трага, ни раскажа таа.

Според податоците од СВР Велес, од почетокот на август до 16 септември, во општините Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија се регистрирани 16 кражби. Од нив, пет се во куќи, четири во маркети, две од возила и исто толку на мобилни телефони. По една кражба се однесува на пари од чанта, на отворен простор и на земјоделски производи од нива.

Крадците и измамниците ,,ловат во матно“ во време на корона

Во градот на виното се раскажува за тоа како лани еден кавадарчанец наводно платил околу 2-3 илјади евра отштета бидејќи го натепал крадецот кој му берел грозје од нивата, а крадецот извадил лекарско уверение за ќотекот и тужел. Згора на тоа, крадецот и неколкумина други, во знак на револт и инает, му исекле дел од лозјето.

Една кавадарчанка се пожали дека крадци оперираат и на градскиот пазар во градот. На нејзиниот свекор, му го украле паричникот, со нешто пари и сите документи внатре.

И додека постари лица се главно жртви на измами со лажно обезбедување на огревни дрва, при што остануваат и без дрва и без пари, во регионот на грозјето и виното има и различни видови други измами.

Од СВР Велес потврдија за МИА дека од почетокот на годината досега се регистрирани најразновидни измами при купување и продавање различни предмети, помеѓу фирми при трансакции, купување огревни дрва, посредување при вработување во странство и други случаи.

Извори од полицијата потсетуваат дека изминатите години, тие организираа превентивни подучувања на населението како да се заштити од кражби и измами.

-Годинава, за жал, поради пандемијата од вирусот Ковид-19, забранети се такви големи и масовни средби за превентивни совети. Се надеваме дека најбрзо што можеме ќе ја надминеме оваа состојба со пандемијата и повторно ќе можеме како и порано, без проблеми да се среќаваме со жителите од регионот и да делиме совети за тоа како да не станат мета на крадци и измамници, рекоа полициските извори за МИА.