Македонија
1. December 2017 - 11:57

Во Тетовско откриена најголема лабораторија за синтетички дроги во ЈИЕ

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека остварувајќи меѓународна правна соработка во предистражна постапка со Јавното обвинителство за организиран криминал и Министерството за внатрешни работи на Република Србија, откри инсталација на најголема лабораторија за неовластено производство на синтетички дроги во Југоисточна Европа.

За координирање на паралелна прекугранична истрага и соработка бил формиран Заеднички истражен тим на органите од двете држави.

- Во текот на вчерашниот ден, на подрачјето на Тетово и Скопје, Јавното обвинителство во соработка со Министерството за внатрешни работи на Република Македонија – Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал спроведе акција при што е откриена цела инсталација за неовластено производство на синтетички дроги и се запленети големи количини синтетичка дрога, како и суровини за нејзино производство, стои во соопштението  од ОЈО.

Станува збор за меѓународна организирана криминална група, составена од државјани на Република Србија и македонски државјани, која се занимава со неовластено производство, обработка, поседување, пренос, посредување во продажба или купување, како и на друг начин неовластено пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Во исто време, од страна на групата во Тетово била опремена илегална лабораторија за производство на синтетички дроги и прекурсори, со намера за натамошна продажба и организирање на испорака на истите во Република Македонија, Република Србија и во други земји.

Српската новинска агенција Танјуг, пак, преенсува дека по заедничката повеќемесечна истрага во акцијата спроведена на српското и македонското МВР, уапсени се осум членови на органзираната криминална група, меѓу кои и организаторот на групата Милан Зарубица.

Потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи на Србија Небојша Стефановиќ по повод заедничката акција на српската и македонската полиција истакна дека ова е еден од најдобрите резултати во запленување на синтетички дроги.

- Многу е добро што е уапсен Милан Зарубица бидејќи тој се смета за еден од најголемите креатори на синтетички дроги, а на овие простори беше познат по оваа активност и порано, рече Стефановиќ.

Во илегалната лабораторија бил сместен погон за таблетирање, а биле запленети и околу 300 килограми амфетамински таблети. Според српскиот министер, оваа запленета синтетичка дрога е многу важна бидејќи станува збор за капдагон, нова синтетичка дрога која е омилена и кај борците на ИСИС.

Стефановиќ изјави дека очекува оваа акција најверојатно да продолжи на територијата на Турција каде што во соработка со полицијата на таа држава дојде и до идентитетот на потенцијалните купувачи.

Во акцијата покрај запленувањето на една поголема лабораторија во Тетово, откриена е и една лабораторија на групата на територијата на Србија. 

Годинава ова е десетта организирана криминална група сузбиена од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Надлежниот јавен обвинител презема законски истражни дејствија за процесуирање на откриеното кривично дело и неговите извршители за што во текот на денот јавноста дополнително ќе биде информирана.