Македонија
2. December 2016 - 17:34

Во Тетово одбележан Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби

Со пригодна прослава во Дневниот центар за деца со посебни потреби во Тетово денеска се одбележа 3  Декември - Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.

Дневниот центар згрижува околу 25 деца со пречки во развојот на возраст од 5 до 26 години, додека 17 од нив редовно го посетуваат. Координаторот на Центарот Беџет Камбери смета дека бројката на деца со посебни потреби во градот е поголема.

- На денешното одбележување освен децата присутните се и нивните родители како и нашите донатори кои во текот на годината ни помагаат во нашата работа. Сите оние семејства кои имаат деца со посебни потреби, а кои не се опфатени во образовниот процес преку специјалните парарелки може да ги донесат децата бидејќи за нив организиран е превозот, исхраната, а во Дневниот центар вработени се и двајца дефектолози како и четири медицински сестри, изјави Камбери.

Децата кои се згрижени во Центарот во рамки на пригодната свеченост, се претставија со неколку песни, а учениците од Музичкото училиште „Тодор Скаловски Тетоец“ изведоа неколку музички точки.

Дневниот центар за деца со посебни потреби во Тетово постои од 2002 година и згрижува деца со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост и комбинирани пречки во развојот. Денешната прослава беше повод да им бидат доделени благодарници на институции, здруженија, фирми и поедници кои несебично го помагаат работењето на Дневниот центар во Тетово