Македонија
27. December 2016 - 15:34

Во Тетово конференција за ИКТ во образованието

Конференција „Примена на информатичко – комуникациски технологии во образованието“, како дел од проектот ДИСКО - Натпревар на дигитални училишта денеска се одржа на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Претставени беа истражувањата кои се направени, досегашните постигнати резултати и изработката на прирачник за самиот проект и материјали за поддршка на одредени ИКТ алатки за наставниците и другиот образовен кадар.

- Сите овие изработени алатки и прирачници во текот на спроведувањето на овој проект ќе бидат бесплатно достапни преку нашата официјлна интернет страница. Преку компаративна студија за вакви активности во други земји наставниците самите одбраа повеќе области за кои беа приготвени соодветни материјали, а беше и организирана обука за дел од нив во Шпанија, изјави координаторката на проектот Марика А. Трпковска.

Според претставниците од Министерството за образование и наука, алатките и прирачниците кои беа претставени денеска се дел од активностите што ќе придонесат за развивање на компјутерската писменост низ училиштата во Македонија.

- Се поголемиот и побрз развој на компјутерската технологија предизвика самата компјутерска писменост да стане дел од трансверзалните вештини. Затоа Министерството и Владата во изработката на Стратегијата 2016 - 2020 година имаат акцент на примената на ИКТ и дигитализацијата на училиштата се поставува и на хоризонатално и на вертикално ниво, рече Наташа Јаневска од Министерството за образование и наука.

Универзитетот на Југоисточна Европа е партнер координатор на ДИСКО проектот, а средното стручно општинско училиште „Моша Пијаде“ од Тетово е едно од партнер училиштата.

- Како партнери во овој проект, дел од нашите наставници учествуваа на обука во Шпанија за подобрување на нивните дигитални вештини. Стекнатото потоа тие го пренесоа на своите колеги во училиштето. Очекуваме дека сите тие при нивната работа со учениците ќе придонесат за подобро разбирање на оваа проблематика, а со тоа и зголемување на мотивираноста на учениците за стекнување на знаења од компјутерските науки и дигитализацијата во училишните програми, истакна професорот од „Моша Пијаде“ Душко Перински.

Проектот „Натпревар на дигитални училишта“ е поддржан од Националната агенција за развој на образовни програми и мобилност и Еразмус плус програмата.