Македонија
2. April 2019 - 11:54

Во тек рехабилитација на државниот пат Берово-граничен премин Клепало

Јавното претпријатие за државни патишта започна со рехабилитација и санација на државниот пат од делницата Берово – граничен премин Клепало со вкупна должина од 5,7 километри. Како што информираше Билјана Каламадевска од општина Берово, во моментот се рехабилитира патниот правец на потегот од раскрсницата кај Хотел Манастир до раскрсницата кај Беровско езеро.

– Оваа рехабилитација ќе биде во должина од 4,7 километри, додека од раскрсницата кај Беровско езеро до граничен премин Клепало во должина од  еден километар, ќе се врши санација на одредени делови. Рехабилитацијата на патот опфаќа промени и санација на бетонски рабници, поставување заштитна еластична ограда, чистење на пропусти и канали долж трасата, гребење на постоечкиот асфалт, како и поставување нов двослоен асфалт, информира Каламадевска.

Додава, дека средствата за реализација на овој значаен зафат се обезбедени од буџетот на на јавното претпријатие за државни патишта, а рокот за завршување на рехабилитацијата е јули 2019 година.

Рехабилитацијата на патот Берово – Клепало, го најавува отворањето на граничниот премин Клепало, со што Република Северна Македонија ќе добие уште еден граничен премин, а со тоа градот Берово ќе биде поблиску до Европската унија.