Македонија
19. April 2019 - 13:38

Во тек е субвенционирањето за чистење оџаци од Град Скопје

Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек субвенционирањето за чистење на оџаците на нивните објекти и дека може да надоместат дел од трошоците направени за негово чистење. На јавниот повик на Градот Скопје што важи од 1 јануари 2019 година и е во тек, досега се пријавиле 119 граѓани.

– Со јавниот повик Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците за чистење на оџаците, во износ од 1.000 денари. На повикот можат да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште, е на подрачјето на Скопје. Поточно, право на учество на овој повик имаат жителите на Скопје и правните лица кои имаат деловни објекти во општините Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај, кои ќе го исчистат оџакот на своето живеалиште или деловен објект и ќе поднесат барање за искористување на правото за надоместок, информираат од Град Скопје.

Јавниот повик трае заклучно со 30 ноември 2019 година и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“, односно до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена во Буџетот на Град Скопје за 2019 година.

Барањето за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците за чистење оџаци, заедно со потребната документација, треба да се достави во затворен коверт до Град Скопје, булевар Илинден број 82, во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 08:30 до 15 часот.

Целта на овој проект е да се придонесе за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух, особено со ПМ10 и ПМ2,5 честичките.

Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018 година, кога беа доделени 269 субвенции, се наведува во нивното соопштение.