Македонија
23. August 2017 - 8:44

Во тек археолошките истражувања на локалитетот Градиште/Кале кај Згрополци

Екипа од Народниот музеј од Велес врши археолошки истражувања на локалитетот Градиште/Кале кај село Згрополци, кој е идентификуван со античката населба Гурбита. Истражувањата претставуваат продолжение на археолошкото ископување на овој локалитет почнати во 2008-та година.

Проектот претставува дел од Годишната програма за работа на Народниот музеј Велес за 2017 година и се реализира под раководство на археологот Анита Василкова Мидоска. Тој е целосно финансиран од страна на Министерството за култура во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес за 2017 година

Василкова Мидоска изјави дека истражувањата се фокусирани на археолошко ископување на дел од некрополата којашто егзистирала во периодот од 3 век п.н.е. до 4 век н.е. Теренските истражувања ќе се одвиваат до крајот на август, а потоа ќе се премине кон стручна и научна обработка на добиените податоци. Првичните информации се добиени уште во рамки на истражувањата реализирани во 2014 година и врз основа на овие прелиминарни податоци, годинава е пристапено кон поопсежно истражување на овој простор.

- Најголемиот дел од гробните целини откриени со овогодинешните истражувања припаѓаат на типот на гробна конструкција со правоаголна основа изведена со кршен камен во техника на сувоѕид со поголеми димензии поставени во континуирана низа. Освен овој тип застапени се и гробови поставени во ограден простор – периболос во кој се погребувале покојници кои можеби биле фамилијарно поврзани. Според начинот на погребување застапен е само ритуалот на кремација, а кремираните останки се положени директно на земјата по претходно изведен ритуал на пурификација (прочистување), појасни археолот Василкова Мидоска.

Таа информира дека откриените движни археолошки материјали во најголем дел се предмети од секојдневието. Преовладува керамиката, а откриени се и наоди од метал и стаклени садови. Сите овие предмети претставуваат гробни прилози што во голема мера ја отсликуваат религиозната слика на населението, особено од аспект на погребните ритуали и верувањата во задгробниот живот.

Василкова Мидоска појасни дека досегашните податоци добиени од истражувањата на некрополата укажуваат дека гробовите припаѓаат на раниот римскиот период односно 1-2 век од н.е.

- Слоевитоста на некрополата укажува дека таа била користена подолг период од неколку векови. Имено, со истражувањата се евидентирани и постари гробни целини кои датираат од периодот на 2-1 век п.н.е. и се надеваме дека во иднина ќе имаме можност да ги истражиме и на тој начин би се добил прецизен и дефиниран пресек на егзистирање на некрополата, истакна археологот Василкова Мидоска.