Македонија
21. May 2016 - 17:31

Во тек археолошки истражувања на локалитетот Кале-Велес

Археолошка екипа од Народниот музеј во Велес веќе десетина дена работи на археолошкиот локалитет Кале кај Велес, под раковоство на археологот Анита Василкова Мидоска.

 
Според Мидоска, на Калето на кој животот се одвивал повеќе векови, годинава се истражува средновековната населба. Истата се состоела од воена тврдина лоцирана на акрополата на која истражуваат и цивилен дел – варош лоциран во подградието на населбата.
 
Оваа година се продолжило со истражување на просторот на највисоката точка на населбата таканаречената Акропола или Горен Град кој со своите одбранбени бедеми претставувал последно прибежиште на населението во несигурните времиња. Годинава повторно се работи на јужниот дел од акрополата, односно сега на нејзината источна половина.
 
- Со досегашните истражувања откриени се делови од објекти лоцирани непосредно до источниот одбранбен бедем кои веројатно имале воено-логистичка намена имајќи ја предвид функцијата на акрополата во средновековниот период кога всушност овој дел претставувал воена тврдина. Тоа значи дека во моментов се открива средновековниот слој на градот односно периодот 12-14 век од нашата ера. Со овие истражувања ќе биде откриен поголем дел од јужната половина од акрополата и ќе се овозможи подобар увид во овој дел од локалитетот. Од движен археолошки материјал досега се пронајдени керамички садови за секојдневна употреба. Со понатамошните истражувања планирано е да се направат неколку контролни сонди, а  кои ќе дадат податоци за хронологијата на егзистирањето на локалитетот, појаснува Мидоска.
 
Од научна гледна точка, вели таа, овие податоци во иднина ќе претставуваат солидна основа за истражување и презентирање на развојот на населбата како и подлога за популаризација на културното наследство на Велес. 
 
Инаку Локалитетот Кале кај Велес е одамна познат во научната јавност, а во неколку наврати од страна на археолозите на Народниот музеј од Велес тој е и сегментирано истражуван. Според позицијата населбата имала стратешко значење низ целиот период на егзистирање бидејќи ја контролирала Вардарската магистрала (Via Axia).
 
Последните истражувања на локалитетот се реализирани во 2012 и 2013 година  и се одвиваа на јужниот дел на акрополата односно на просторот на западната страна.
 
-Според археолошките и историските податоци кои ги поседуваме за локалитетот тој опфаќа широка хронолошка рамка на егзистирање од хеленистичкиот период па се’ до крајот на 14 век од нашата ера, појаснува Василкова Мидоска.
 
Археолошкиот локалитет Кале – Велес за првпат годинава се истражува во рамките на Владиниот капитален проект „Археолошки локалитети на Вардарската магистрала“. - Истражувањата ќе траат до крајот на мај, а потоа ќе се премине кон стручна и научна обработка на податоците добиени од истражувањата, информира Мидоска.