Македонија
2. November 2018 - 8:47

Во Струмица почна меѓународниот симпозиум по археологија

 Во организација на НУ „Завод и музеј Струмица“ синоќа во хотелот „Сириус“ во Струмица почна Петтиот меѓународен симпозиум по археологија.

Собирот на археолозите го поздрави националниот координатор за култура при Владата на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски. Според него, Владата, ресорното министерство и Управата за заштита на културното и историското наследство посветуваат голема грижа на археологијата.

– Македонија има огромно културно наследство.Тоа не вбројува во  најдобрите, врвните европски земји и ние сме со намера да ги поддржиме сите заложби на фелата со цел ова наше наследство да биде научно истражено, до биде добро промовирано, да биде заштитено, а секако да биде ставено на увид на целиот свет, рече националниот координатор за култура, Роберт Алаѓозовски.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски на учесниците на симпозиумот им посака плодна научна работа.

-Се надевам дека престојот во Струмица ќе ви претставува задоволство, меѓу другото и поради фактот што овој наш град и општина, но и неговото поблиско опкружување, е познато по бројните археолошки локалитети и откритија кои се од непроценливо значење за севкупното културно-историско минато на Струмица, Македонија и Балканот, рече градоначалникот Коста Јаневски.

Годинашниов собир на археолозите се одржува под мотото „Култ,мит, религија“. Според археологот Ване Секулов од организаторот НУ “Завод и Музеј Струмица“, основната идеа на овој симпозиум е да се дружат со колеги надвор од Македонија и да разменуваат искуства.

-Нашата установа е единствена од таков тип во државата која континуирано одржува такви симпозиуми и на тоа сме посебно горди. На изминативе четири симпозиуми имавме 120 учесници, од кои 60-70 проценти се од странство и кои во најголем број за прв пат дојдоа во Македонија токму поради овој симпозиум, рече археологот Ване Стојанов.

На симпозиумот учествуваат 20 археолози од Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Романија, Бугарија, Италија, Германија и Турција.

Симпозиумот почна синоќа, а завршува на 4 овој месец.

За време на одржувањето на симпозиумот учесниците ќе посетат повеќе културно-историски и религиозни објекти и археолошки локалитети во Струмичко.