Македонија
25. јуни 2016 - 14:33

Во Струмица одбележана 60-годишнината од раѓањето на претседателот Трајковски

Со полагање свежо цвеќе пред споменикот Македонија, подигнат во чест на трагично загинатиот претседател на РМ, Борис Трајковски, денеска Струмица ја одбележа 60-годишнината од неговото раѓање.

Мирен по табиет, немирен по дух, голем по идеали и скромен по практицирањето на неговата животна филозофија, вака за сограѓанинот Борис Трајковски, зборуваше претседателот на Советот на Општина Струмица, Јосиф Христов.

- Веселото момче од струмичките сокаци, гиманзијалецот, правникот, верникот, семејниот човек, политичарот, заменик министерот, претседателот и вљубеникот во Македонија, но пред се човекот Борис Трајковски не е веќе суштински дел од нашето современо битисување, но несомнемо во тоа битисување остави неизбришливи траги, рече Христов.

Посочи дека најважно е секој од нас во себе да изгради паметник за Трајковски.

- Во тоа име изградивме скормен мост и го нарековме по него, за да се знае дека Борис Трајковски ја имаше надареноста и човечноста да гради мостови на пријателството. Го кренавме и споменикот „Македонија“ во негова чест, за да се знае дека Борис Трајковски и Македонија се две нешта кои функционираа во своевидна љубов и симбиоза. Можеме да сториме така слични неброени материјални добра кои симболично ќе зборуваат за едно осведочено постоење и делување, но фактички, ништо како да не сме сториле, доколку секој струмичанец и Македонец не успее да изгради паметник на Борис Трајковски во своето срце, додаде Хрисов.

Пред споменикт свежо цвеќе положија делегации на општината, политичките партии, здруженија и граѓани, а доделени беа и награди за најдобри творби на тема на делото на претседателот Трајковски.