Македонија
26. February 2016 - 13:03

Во Струмица одбележана 12-годишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски

Со полагање свежо цвеќе пред споменикот „Македонија“, во Струмица се одбележа 12-годишнината од смртта на претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски. Членови на семејството Трајковски, делегации од општината, Општинскиот одбор на борците, од јавните институции, политичките партии и граѓаните се поклонија пред паметникот кој е посветен на Трајковски.

- Дванаесет години од тој ден, ние струмичаните и граѓаните на Македонија, стоиме простум со тага и почит, но и со гордост дека токму тој - Борис Трајковски, беше наш современик, роднина и пријател, наш сограѓанин и Претседател. Велат дека времето е лек за сите рани. Но, раната наречена Борис Трајковски, се чини дека вечно ќе трае неизлечена во душата на секој што ја љуби Македонија. Само гордоста за Борис е мелем за таа рана, рече во свечениот говор, претседателот на Советот на Општина Струмица, Јосиф Хрстов.

Христов додаде дека Трајковски имаше доблести кои го правеа единствен и препознатлив.

- Трајковски беше човек од народот и човек за народот. Беше природен, без да сака да наликува на големец, кој е тешко достапен за обичниот граѓанин. Беше секогаш насмеан и приемчив, но и човек кој тешко ги поднесуваше строго определените правила за почитување на некакви протоколарни редови. Беше човек кој знаеше да љуби се што е позитивно. Силно ја сакаше својата Струмица, беше горд што е Македонец, но повеќе од се беше верен поклоник на Севишниот Господ-Бог. Тој знаеше да каже „Никогаш не сонував дека ќе станам претседател, но верувам дека за тоа бев избран од Бога.“, додаде Христов.

Пред почитувачите на Трајковски рецитал изведоа членовите на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“, а традиционално беше засадено уште едно дрвце во паркот.