Македонија
15. November 2020 - 14:49

Во Струмица одбележан Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди

Лани во Република Македонија 132 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а 5.164 лица се повредени, објави Републичкиот совет за безбедност во патниот сообраќај по повод одбележувањето на Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди.

Овој ден во Струмица беше одбележан со превентивна активност во централното градско подрачје, на која полициски службеници на учесниците во сообраќајот им делеа флаери и фрешери со апел:„Покажи грижа!“, „Разбуди ја свеста!“, „Вози совесно и одговорно!“.

Полицајците ги потсетија учесниците во сообраќајот дека сообраќајните незгоди не се случајни, туку се предизвикани од невнимателно и неодговорно учество во сообраќајот и притоа им укажуваа да се почитуваат сообраќајните знаци правила и прописи со цел намалување на последиците во сообраќајот.

Републичкиот совет за безбедност во патниот сообраќај укажува дека сообраќајните незгоди не се случуваат, туку се предизвикуваат со неодговорно учество во сообраќајот.

Според СЗО, во светот годишно 1.3 милиони луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, а 20 до 50 милиони лица се повредени.

-Тоа значи дека над 3.500 лица умираат дневно, како последица од сообраќајни незгоди, односно на секои 24 секунди, едно лице, нечие дете, брат, сестра, родител, роднина, пријател…. го губи животот во сообраќајна незгода, стои во објавата на РСБПС.

Денешниот настан го организираа Секторот за внатрешни работи Струмица, преку Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Струмица, во партнерство со Републичкиот совет за безбедност во патниот сообраќај.