Македонија
18. November 2017 - 15:30

Во Струмица дебата за подобрување на статусот на ЛГБТИ заедницата

Дебата за подобрување на статусот на припадниците на ЛГБТИ заедницата, како дел од проектот финансиран од УСАИД се одржа денеска во Струмица.

На настанот учествуваа претставници од СВР Струмица, од Комисијата за еднакви можности меѓу мажите и жените при Општина Струмица, како и претставници на телото за недискриминација и активнисти на невладини организации.

Програмскиот директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Кочо Андоновски вели дека ова е обид да се отвори дебатата на локално ниво.

- Сакаме на широко да ја отвориме оваа дебата. Ние десет години живеевме во авторитарен режим кој беше доста агресивен кон ЛГБТИ заедницата. И оваа иницијатива, иако како прашања се нови, ЛГБТИ и луѓето се отсекогаш тука. Ние сакаме да ги отвориме, најнапред со институциите, а после со пошироката публика, затоа што само со разговори може да се надминат предрасудите, рече Андоновски.

Тој очекува поддршката што ја добиле од Владата и премиерот Заев да биде и на локално ниво.

- Ние сакаме одлична соработка со Општината. Се надевам дека во наредните месеци ќе успееме да добиеме и простор од општинските власти кој не би го користеле само припадниците на ЛГБТИ заедницата туку сите маргинализирани групи кои со години нема каде да се социјализираат, рече Андоновски.