Македонија
24. February 2019 - 9:57

Во Струга одбележани 10 години од Школата за млади лидери

Со гала вечера синоќа во Струга беа одбележани 10 години од постоењето на Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов изминатата деценија се одржува во Охрид и во Струга.

На гала вечерата, на која присуствуваа учесници од десетте генерации и донатори, претседателот Иванов порача дека школата за млади лидери во изминатите десет години станала препознатлив бренд.
 
-Успеавме една идеја, еден сон да го претвориме во реалност, во нешто што успеа. Успеа затоа што успеавме 400 млади луѓе да ги упатиме во предизвиците на времето во кое живееме, да ги упатиме во тајните на лидерството, да ги упатиме на сето она што е предизвик на 21 век. Успеавме затоа што станавме препознатлив бренд, кој веќе го практикуваат и други кои биле дел од школата. Успеавме и затоа што добивме светски признанија. Признаени сме и препознаени сме. Успеавме затоа што многу млади луѓе излегоа од школата насмеани, радосни и исполнети со среќа, рече Иванов.
 
Тој упати благодарност до сите поддржувачи на школата кои, како што рече, го препознале овој проект и инвестирале во него, а им се заблагодари и на сите предавачи кои ги споделиле своите знаења и искуства со учесниците на школата.
 
Во изминатите десет години на школата учествуваа 400 млади луѓе и над 200 реномирани предавачи, меѓу кои поранешниот генерален секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, Вацлав Клаус, Ваира Вике – Фреиберга и Валдис Затлерс, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија, Борис Тадиќ, Георги Прванов, Петар Стојанов, Бамир Топи и Реџеп Меидани, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, претставници од Европската унија, директори на меѓународни институти, професори од реномирани универзитети….
 
Школата за млади лидери е иницијатива на претседателот Иванов и програмата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот, менаџмент-симулации и практични вежби.
 
Школата беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели, а оваа организација во 2018 година му ја врачи на претседателот Иванов наградата за Најдобар светски лидер кој инвестира во новата генерација.
 
Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани се овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.