Македонија
21. March 2016 - 13:58

Во Струга одбележан Светскиот ден на лицата со Даунов синдром

Лицата со Даунов синдром од дневниот центар „Порака нова“ со делење флаери низ Струшката чаршија денеска го одбележуваат Светскиот ден на лицата со Даунов синдром - 21 март.

Целта на овој настан, како што истакна претседателката на „Порака нова“ Соња Маџоска, е да се подигне свеста кај граѓаните да забележат дека меѓу нив има и лица со Даунов синдром на кои не им треба сожалување, туку прифаќање во општеството и во заедницата.

- Лицата што го посетуваат дневниот центар ќе делат флаери со цел да бидат забележани и да бидат прифатени од заедницата. Ќе се делат и капсоли со пораки со што ќе се скрене вниманието дека Дауновиот синдром е генетско пореметување, кое им дава на овие лица одредени и посебни способности, а не недостатоци, како што е прифатено во опшеството, рече Маџоска.

Во рамките на одбележувањето на Денот на лица со Даунов синдром, корисниците на Дневниот центар ја посетија компанијата „Ѓоршулески“, која има вработено лица со посебни потреби. Управителот на фирмата Горан Ѓоршулески вели дека ако им се даде шанса на овие лица може да бидат многу способни работници.

- Една од нашите цели од основањето на компанијата е лицата со посебни потреби да станат среќни и задоволни што се дел од тимот. Успеавме во тоа и ден денеска гледаме среќни и задоволни лица. Апел до останатите фирми да им дадат можност на лицата со Даунов синдром, од причина што тие деца знаат да бидат добри работници, лојални на фирмата и позитивно ќе ја оправдаат укажаната доверба, изјави Ѓоршулески.

Во оваа компанија работи Игро Шајноски, лице со Даунов синдром, кој според управителот, од ништо не се разликува од останатите работници, лојален е, и е подвижна реклама за фирмата.

- Задоволен сум од газдите и од колегите. Имам активности на машината за лепење со картони, јас ги пуштам на лепилница и работам колку што можам, ако не можам имам и помош. Давам се од себе. Секогаш ќе се борам со гордост да бидеме онака како што треба во иднина, вели Шајноски.