Бизнис
7. May 2017 - 16:26

Во среда истекува рокот до кој земјоделците можат да поднесат барање за проценка на штетите што ги предизвика доцниот пролетен мраз

Во среда истекува рокот до кој земјоделците можат  да поднесат барање за проценка на штетите што ги предизвика доцниот пролетен мраз. На терен проценката ќе ја вршат вкупно 73 комисии кои ги формираше Владата за оваа цел.

Од нивните извештаи , ќе се знае целосно претрпената штета по насади и површина.  По ова треба да се утврди процентот со кој државата ќе ги обештети производителите. Обештетувањето ќе се врши преку Платежната агенција.

Мразот и минусните температури за само два дена минатиот месец нанесоа сериозни штети на овошните и лозовите насади како и на други земјоделски култури. Земјоделците поради ова најавија и повисоки цени за јаболкото, компирот и раноградинарските култури одгледувани во Преспа, Тиквеш и другите региони.

Надлежните повикаа производителите да го осигуруваат производството бидејќи климатските промени и во иднина ќе прават штети на македонскиот аграр.

Во среда и Уставниот суд треба да одлучи дали земјодлеците ќе ги добијат субвенциите. Ако судиите го оспорат членот во Изборниот законик  кој не ја дозволува исплатата до формирањето на Влада ,  Министерството за финансии ќе може веднаш да ги пушти парите на сметките на земјодлеците.