Балкан
1. April 2020 - 16:03

Во Србија регистрирани 160 нови случаи, 5 смртни случаи, вкупно заразени 1060 лица и 28 починати

Во Србија во изминативе 24 часа се зголемува бројот на тестирни лица и од 810 новотестирани, позитивни на коронавирусот се 160 лица, со што од 4371 тестирани вкупниот број на заразени со коронавирус се искачи на 1060 лица, изјави на денешната прес конференција докторката Дарија Кисиќ од владиниот кризен штаб за борба со вирусот Ковид-19.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Кисиќ кажа дека денес се починати уште пет лица, сите од машки пол, на просечна возраст од 61,2 години, со што бројот на починати од оваа епидемија се искачи на 28 лица.

Според Кисиќ, од 28 –те смртни случаи, 21 се мажи и 7 жени, а процентот на смртноста изнесува 2,64.

Досега вкупно се хоспитализирани 648 пациенти, од кои 72 лица се водат како тешки случаеви и ставени се на респиратор, изјави Кисиќ, која додаде дека бројот на тестирани ќе се зголеми, „но броевите покажуваат каде се наоѓа Србија.“

-Утре кризниот штаб ќе бара начин и ќе донесе одлука како да се зголеми превенцијата од оваа зараза и со кои мерки, кажа Кисиќ.

Таа потврди дека синоќа од Кризниот штаб до граѓаните се ипраќани СМС пораки за драматичност на ситуацијата и доближување до италијанското сценарио со барање да останат дома,оценувајќи дека со тоа не се шири паника, и да со „ваква циркулација на граѓаните, ќе нема град во Србија кој нема да биде поштеден од епидемитата.“

На прес конференцијата беше кажано и дека денес во Белград е уапсено машко лице на возраст од 34 години, поради основно сомнение дека извршил кривично дело ширење на паника и немири, со објава на Твитер „дека има информација за утрешното прогласување на 24 часовен карантин во Србија“.

Kоронавирусот е регистриран во над 35 градови во Србија и според досегашните податоци објавени на сајтот ковид19.рс на министеерството за здравство, најмногу заболени има во Белград-352 лица, Ниш има 59, Ваљево има 50 заразени граѓани, Чуприја 49, Крагуевац има 21 лица со потврден коронавирус, Крушевац има 20, Врање 16, Суботица 15, Чачак 12, а Кикинда, Ужице, Зајечар, Панчево и другите градови имаат помалку од 10 потврдени случаи.

Во карантинот на Белградски саем досега се сместени 49 лица со полесна дијагноза на вирусот, а во тек се подготовките и салите- Арена, Халата на спортовите и Пинир да се претворат во карантин за заразените граѓани.