Македонија
1. March 2021 - 14:16

Во Србија почна пописот на македонските државјани

Во Србија денеска официјално почна првата фаза од пописот на македонските државјани со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните преставништва и нивните семејства и на македонската дијаспора.

Во функција на информирање на државјаните на РСМ кои претстојуваат во Р. Србија за пописот на нерезидентното население, Амбасадата на РСМ во Белград издаде соопштение за превзедени повеќе активности, во кои се наведува за: информирање за пописот преку Националниот Совет на Македонското Национално Малцинство во Р. Србија; информирање преку Здруженијата на Македонци во Р. Србија; објава на социјалните мрежи (Фејсбук страна на амбасадата); телефонско информирање на заинтересирани граѓани кои бараат информација преку ДКП; директни контакти и средби со претставници на националниот совет, здруженијата и партиите; известување преку емисијата на македонски јазик на РТС („Виножито“) и повикот кој ќе биде објавен во емисиите на 07.03 и 14.03.2021 година; објава на пописот и во печатениот дневен весник „Панчевац“, кој се издава на територија на Јужен Банат и Белград со најголема концентрација на македонски државјани и објави на веб-порталите во Србија.

Пописот е најважната и најголемата статистичка операција со која ќе се обезбедат податоци кои ја даваат основата за креирање ефикасни јавни политики, кој е од особена важност и наша обврска како држава-кандидат за членство во ЕУ, оцени за МИА в.д. амбасадорот на РСМ во Белград, Александар Поповски.

-Со учеството во пописот секој граѓанин ќе даде свој личен придонес кон подобра иднина. Пописот на нерезидентното население е доказ за грижата за нашите граѓани во Р. Србија, остварувајќи ја со тоа клучната цел – дијаспората да биде нераскинлив дел од матицата, оцени в.д амбасадорот Поповски.

Со цел успешно одвивање на процесот на самопопишување, Амбасадата на Република Северна Македонија во Белград ќе биде на располагање за какви било прашања на нашите државјани околу целиот процес, кој започна денеска и ќе трае до 21 април, соопштија од Амбасадата на РСМакедонија во Белград.