Балкан
9. February 2021 - 9:10

Во Србија денеска почнува масовна ревакцинација, пристигнаа нови 50.000 дози на „Спутник V“

Во Србија до овој момент се вакцинирани 555.000 граѓани, а од денеска на 200 пунктови 5.500 лица ќе ја примат втората вакцина, со што почнува масовната ревакцинција на жителите, јави дописникот на МИА од Белград.

-Втората доза на вакцина денеска ќе им биде дадена на 5.500 граѓани, утре 15.000, потоа 30.000, за да се дојде до 60.000 лица во еден ден. Да потсетиме, имавме речиси 60.000 вакцинации во еден ден, значи ќе имаме 60.000 ревакцинации во еден ден,  изјави директорот на Канцеларијата за ИТ и е-влада Михаило Јовановиќ.

Граѓаните кои ја примаат втората доза на вакцината веќе добија СМС порака и е-пошта каде и во кое време треба да се јават.

Доколку се случи некој да не е информиран, а поминат е 21 ден од вакцинацијата, треба да дојде до точката каде што ја примил првата доза.

-Речиси 950.000 граѓани досега изразија интерес за вакцинација преку е-управа и кол-центарот, а со ревакцинација продолжува и процесот на вакцинација со првата доза, кажа Јовановиќ.

Паралелно во Србија продолжи да пристигнуваат нови дози на вакцини. Утринава на белградскиот аеродром пристигнаа 50.000 нови дози на руската вакцина „Спутник V“, а вчера пристигнаа 8.190 дози на вакцината за коронавирус произведена од компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“.