Македонија
31. October 2019 - 11:08

Во солзи оштетените семејства ги слушаат сведочењата на патниците од автобусот на Дурмо турс

Патници кои се возеле во автобусот сведочат на судењето за несреќата кај Ласкарци. Денеска во судница седуммина раскажуваат што се случувало попладнето на 13 февруари годинава. 
 
Патникот кој седел во првиот ред, десно од возачот, поради повредите не застана на клупата за сведоци. Во несреќата се здобил со 12 скршени ребра и 2 пршлени па поради ова седеше на една од обвинителите клупи во судницата објаснуваше што се случувало во автобусот. Рече дека возачот до несреќата неколку пати разговарал на телефон, но постојано седел исправен и цврсто го држел управувачот. Во моментот на несреќата, сведокот рече дека не почувствувал кочење, забележал нагло свртување во лево по што за кратко возилото ги пробило сите банкини од двете автопатски делници. Според сведокот, во тие мигови, рацете на возачот кој цврсто го држел воланот биле во положба, 9:15, според стрелките на часовникот. 
 
Во автобуската несреќа кај Ласкарци загинаа 16 лица а 37 беа повредени. За случајот се обвинети шестмина. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. 
 
Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, вработени во станицата за технички преглед одговараат за соучество во истото дело.
 
Зоран Јаневски