Македонија
16. January 2022 - 14:47

Во Собранието втор ден расправа, до полноќ треба да се гласа за избор на новата влада

Спротивставени мислења делат пратениците од опозицијата и од владејачките партии и на денешната расправа во Собранието за избор на новата влада. Според опозицијата, владините кадри се докажани само по својата корумпираност и непрофесионалност, а народот е уморен од ниски плати, високи давачки и погубни политки. Владејачките партии, пак, остануваат на ставот дека оваа влада го има целиот легитимитет.

Пратеничката од СДСМ Даниела Колева во Собранието рече дека оваа влада го има легитимитетот и кредибилитетот, кој го црпи од последните парламентарни избори, на кои мнозинството даде потврда, а како што додаде, истото ќе го потврди и на крајот на денешниот ден, на кој ќе се даде доверба на новата влада.

Според неа, предложените имиња во владата се личности со големо искуство кои имаат професионален капацитет и богато портфолио.

-Сметам и немам сомнеж дека оваа влада ќе постави уште повисоки стандарди за тоа како треба да работи една институција и да се однесува еден висок функциониер. Владата во својата програма има голем број стратегии и оперативни планови, проекти, и програма која е прецизна, конкретна и јасна, и со амбициозен и заокружен концепт ќе се продолжи со позитивни одлуки и континуирани сериозни чекори, рече Колева.

Таа додаде дека главен предизвик со кој ќе се соочи новата влада се сите ефекти на ковид пандемија што ги имаше врз економијата.

-Едно е сигурно, а тоа дека исто како претходно, така и сега со новата влада ќе имаме раст на платите, на социјална помош и пензии, но и сите останати социјални трансфери кои во време на пандемија се исплаќаа редовно, ќе продолжат и понатаму, но и ќе се зголемат. Во првите неколку месеци ќе има зголемување на плати во образование, здравство, правосудство, инспекторат, а подоцна и во сите останати сектори, рече Колева.

Според неа, евидентно е дека стапката на невработеност во моментов е на историски најниско ниво, односно е 15,7 проценти.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоранчо Јованчев во својата реплика посочи дека истите луѓе кои се виновни за сите кризи во државата, не може да бидат решение за нив.

Како што рече, во предлогот за влада нема ниту едно ново име, туку посочи, сите се поврзани со истиот „хибриден режим“ на Зоран Заев.

-Оваа влада е влада на борба на кланови на СДСМ и влада во континуитет на ДУИ и приврзоци на СДСМ како што се ДОМ, ЛДП, НСДП, каде единствена цел им е задоволување на личните апетити. Немате направено еден единствен пат во државата. Зборувам за пат од идеја до реализација. Постоечките патишта ги уништивте, додаде Јованчев.

Заради економско-енергетско цунами, според пратеникот Јованчев, потребни се предвремени парламентарни избори.

Пратеничката Даниела Христова од ВМРО-ДПМНЕ во репликата обвини дека владините кадри се докажани само по својата корумпираност, непрофесионалност и неспособност, и како што рече, такви допрва не можат да се покажат во поинакво светло.

Таа додаде дека народот е уморен од ниски плати, високи давачки, од погубни политки кои владата ги наметнува и ќе продолжи да ги наметнува, затоа што како што рече, во иднина нема да има нова влада, туку ќе продолжи заевиозмот, само во поинаков состав.

Пратеникот од Левица Димитар Апасиев обвини дека мандаторот не е репрезент на средната класа која треба социјалдемократ да ја претставува, а во однос на програмскиот дел посочи дека новата влада има легалитет, но не и легитимитет.

-Само пораз до пораз носите. Пораз со Грција, еве сега пораз со Бугарија каде нема да постои македонскиот јазик или ќе постои со фуснота, пораз од ДУИ или Алтернатива кои имаат преку една третина од ресорите. ДУИ и Али Ахмети досега „искина“ осум македонски премиери, вие ќе бидете деветиот. Ја снема Царовска, но останаа Маричиќ и Груби, рече Апасиев.

Тој обвини дека „постои бинационален грабеж, но и рамковна тиранија на малцинството“.-Воведовте паралелна држава во држава. Отворено имате презир кон државните симболи, имате непочит кон јазикот, знаме, химна, рече Апасиев.

Пратеникот од СДСМ Дарко Каевски во својата реплика посочи дека оваа влада е подобра од која било влада предводенa од кој било во претходниот период, но како што рече, и ова не е доволно, затоа што граѓаните заслужуваат уште повеќе.

Пратеничката од ДОМ Маја Морачанин како позитивно го напомена европскиот зелен договор кој останува основен принцип во креирање на владината програма.

-Како што се наведува во програма зелена економија и отворање нови зелени работни места стануваат приоритет во економскиот развој и дека насоките се точно во обезбедување на одржлив развој. Тоа е она што ние како зелена партија и не само ДОМ, туку и во целиот свет зелените го бараат што веќе станува тренд, да нема повеќе емисии на штетните стакленички гасови кои се главен предизвикувач на климатските промени, додаде Морачанин.

Во својата реплика пратеникот од СДСМ Мартин Костовски рече дека ВМРО-ДПМНЕ се плаши од новата влада и Ковачевски, и напомена дека граѓаните се уморни од празната партиска реторика и јалови напади. Тој додаде дека граѓаните сакаат многу повеќе, а тоа е крај на пандемија, повисоки плати и повисоки пензии.