Македонија
14. February 2020 - 12:34

Во Собранието седници за Законот за јавно обвинителство и разрешувањето на Мизрахи

Во Собранието претпладнево продолжи седницата на чиј дневен ред е Предлог-законот за јавно обвинителство, а почетокот на продолжението помина во меѓусебно обвинување на координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за тоа  кој сака или не сака да се донесе ова законско решение, кој сака или се плаши да оди на предвремените парламентарни избори, или кој сака да се заштити од направените криминали. По ова, претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза од еден час.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски рече дека тие како партија имаат став дека треба да бидат донесени законите, па да се распушти Собранието и да се оди на избори. Ова, рече тој, е наш став кој повеќепати сме го објавиле.

Во законодавниот дом за денеска се планирани две  седници. На првата на дневен ред е Предлог законот за јавно обвинителство за кој е потребно двотретинско мнозинство, а на втората, закажана за 15 часот попладне е предлогот на премиерот Оливер Спасовски за разрешување на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.