Македонија
23. September 2022 - 17:39

Во Собранието дебата за продолжување на кризните состојби за електрична и топлинска енергија

Во Собранието на Република Северна Македонија попладнево продолжи седницата на собраниската Комисија за одбрана и безбедност на која на дневен ред се предлог-одлуките за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на државата, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија и за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, одговарајќи на тврдењата на опозицијата, меѓу другото, најави дека Владата во Собранието наскоро ќе претстави пакет антикризни мерки, како и законски измени.

Во однос на барањето за одговорност, Битиќи кажа дека 65.000 жители на Скопје ниту еден ден немале прекин на топлинска енергија, а за електричната енергија праша дали имало „еден ден, еден час, една минута“ недостаток на струја.

На обвинувањата дека се склучат договори во четири очи, вицепремиерот повтори дека се што се работи е во рамки на законите.

Битиќи, според пратеничката Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ, почувствувал поголема потреба да ја одбрани партијата, а не Владата и притоа изнел многу невистини.

Петрушевска рече дека за едно домаќинство месечно се потребни 48.000 денари и праша зошто Владата ги излажала синдикатите кои сеуште чекаат зголемување.

Пратениците од опозицијата и власта дебатираа за состојбата во РЕК Битола, за ремонтите кои не се направени и што се во тек, за увозот и цената на струјата, владеењето на претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, но и на актуелната на СДСМ и ДУИ, за автопатиштата низ земјата, за туризмот, набавката на гас.