Балкан
24. October 2019 - 13:31

Во следните три години новите градежни дозволи во Грција ослободени од ДДВ

Во следните три години сите градежни дозволи во Грција ќе бидат ослободени од ДДВ, а истото ќе важи и за градбите од изминатите 14 години кои не се продадени, е мерката што доцна синоќа говорејќи на „Економист” ја соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, jави дописничката на МИА од Атина.

Целта на владината мерка е да се зајакне и закрепне градежната активност во Грција и купопродажбата на недвижнини.

-Се суспендира ДДВ-то за следните три години за сите нови градежни дозволи, но и за постарите издадени од 1 јануари 2006 година. Со други зборови, се ослободуваат од данок на додадена вредност, сите нови градби, како и недвижнините изградени во последните 14 години кои сè уште не се продадени. Новата мерка ќе важи и за случаи на компензација. Односно, сопственикот на земјиштето ќе биде ослободен од плаќање ДДВ за становите што ќе ги добие за возврат, рече Мицотакис.

Грчкиот премиер, во говорот се задржа на економијата, рече дека за 2021 и 2022 Грција се стреми да се намали примарниот суфицит на 3,5 отсто, а разговорите со грчките партнери за конкретната тема ќе започнат во текот на следната година, кога, како што рече, целосно ќе биде вратен кредибилитетот на земјата и посветеноста на владата на реформите.

Мицотакис, владиниот план за економијата, го прикажа како триаголник.

-На едната страна се реформите што ги промовираме. Тие се предуслов за да дојде меѓународен капитал во Грција, но и да се искористат големите домашни потенцијали на земјата. На другата страна од триаголникот е мешавина на фискалната политика. Ова ќе ги олесни домаќинствата и бизнисите од големо оданочување без, секако, да се наруши буџетската дисциплина. А на третата страна од триаголникот се нашите интервенции на банкарскиот систем, за брзо да се намалат црвените заеми и банките одново да ја добијат нивната улога на финансиери на развојот, на реалната економија, објасни грчкиот премиер.