Македонија
3. October 2018 - 17:57

Во Скопје тридневна меѓународна конференција за безбедни заедници

- Во Скопје денеска беше отворена тридневната 6. Регионална европска конференција за безбедни заедници „Остварување на целите на одржлив развој–кон заедница без насилство“. 

Министрите за здравство и за труд и социјална политика Венко Филипче и Мила Царовска посочија на напорите што ги вложуваат властите за создавање безбедна заедница и за превенирање насилство. 

Филипче рече дека заедница без насилство е голем јавно-здравствен предизвик.

- Сведоци сме на различен тип насилство како семејно насилство, врз децата, меѓу младината, родово базирано и на работното место. Токму оваа конференција ги обединува експертите од целиот регион и Европа и очекувам во овие три дена да слушнеме искуства, но и да произлезат заклучоци, рече Филипче.  

Македонија е обврзана да работи во насока на целите на одржлив развој и промовира безбедни заедници, и до 2030 година треба да се елиминира секоја форма на насилство. 

- Токму затоа подигнувањето на јавната свест и градењето на капацитеите на сите нивоа е висок приоритет на Министерството за здравство, но и Владата на Република Македонија. Како резултат на тоа донесени се национални политики за превенција и спречување на сите форми на семејно насилство и насилство врз децата, рече Филипче. 

Македонија прави чекори во борбата против насилството, но, истакна министерката Царовска, треба да направиме уште многу за да кажеме дека ние сме безбедни заедници и да имаме системи за превенција и заштита од насилство. Одржлив развој, додаде таа, е невозможен доколку не инвестираме во секој поединец. 

- Во Македонија знаеме дека на поголем удар се жените и девојките од сите останати, рече таа потенцирајќи на ратификацијата на Истанбулската конвенција. Царовска рече дека секој оној кој што молчи пред насилството во суштина и го поддржува, посочувајќи дека сите ние сме одговорни да создадеме безбедни заедници. 

Претставничката на Светската здравствена организација во Македонија д-р Џихане Тавила истакна дека насилството е пошироко распространето отколку што мислиме, во различни форми и кај најранливите категории на население: жени, деца, постари лица и кај сите возрасти, не само во подраќја на вооружен конфликт туку во нашите заедници, домови, работни места, училишта...

Во европскиот регион на СЗО секоја година има повеќе од половина милион смртни случаи и водечки причини за смрт кај млади луѓе на возраст од пет до 49 години. Иако смртните случаи се намалија во текот на последната деценија, повредите и насилството се уште се водечки причини за нееднаквоста и социјалната неправда во Европа. 

Главна тема на Конференцијата е контрола и превенција на насилство поврзано со повреди - сите видови, како што се семејно насилство, насилство врз деца, насилство кај млади, родово засновано насилство, злоупотреба на стари лица и други ранливи групи, насилство поврзано со алкохол, насилство на работно место, насилство врз себеси, колективно насилство, безбедност и ненасилство во сите политики. 

На Конференцијата се поканети над 100 учесници од земјата, Европа и светот. Во следните три дена пленарни предавања ќе одржат еминентни експерти и професори од областа од Македонија, Србија, Германија, Шведска, Норвешка, Австрија, Израел, Данска, Турција, Хрватска, Брегот на слоновата коска, Украина, Русија, Црна Гора, Бугарија, Бразил и Индија, кои пријавија 72 труда. 

Домаќин на шестата Европска конференција за безбедни заедници е Институтот за јавно здравје на Република Македонија, како Центар за поддршка на безбедни заедници и Медицинскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, во соработка со Министерството за здравство и Европската мрежа на безбедни заедници, со поддршка од: МТСП, МЛД, Специјалистичко здружение на доктори специјалисти по социјална медицина и организација на здравствена дејност при МЛД, Лекарска комора на Македонија, УНИЦЕФ, Здравствена мрежа на Југоисточна Европа, СЗО Колаборативен центар–Институт за медицина на труд, УНФПА, Универзитетска клиника за психијатрија Скопје, ХЕРА, Асоцијација на доктори со интердисциплинарен пристап за деца со посебни потреби, Совет за превенција на јувенилна деликвенција, ММСА, ЕМСА и други.