Македонија
3. October 2018 - 8:55

Во Скопје регионална конференција за правата на ЛГБТИ луѓето

Во Скопје од денеска до 6 октомври ќе се одржи регионална конференција за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето под мотото „Наспроти се, иднината е наша!“.

Унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето е целта за која ќе дискутираат стотици ЛГБТИ активисти, родители на ЛГБТИ млади, претставници на владите, пратеници и пратенички, експерти од Западен Балкан и Турција. 

Конференцијата е организирана во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за надворешни работи на Македонија. Во рамки на првиот ден е закажан министерски состанок на кој ќе присуствуваат делегации од владите на Косово, Црна Гора и Македонија.

Клучни области на кои ќе се фокусира дијалогот меѓу граѓанското општество и властите од регионот и Турција се образованието и правата на трансродовите лица, соопштија организаторите.

Интерпартиската парламентарна група за ЛГБТИ права од Македонија е домаќин на пленарна сесија за улогата на Парламентите во унапредување на правата на оваа заедница. На пленарната сесија ќе учествуваат Џули Вард, пратеничка од Европскиот Парламент, Наташа Шукич пратеничка од Словенија, Гордана Комич пратеничка од Србија и Маја Морачанин пратеничка од Р. Македонија и координаторка на интерпартиската група.

Во рамки на конференцијата ќе се одржи и затворен состанок меѓу родители и членови на семејства на ЛГБТИ млади од Македонија и Турција.

Конференцијата е организирана од ЕРА. ЕРА е асоцијација која вклучува 58 ЛГБТИ организации од девет земји во регионот на Западен Балкан и Турција. Годишната конференција на ЕРА во Македонија ја организираа: Коалиција Маргини, ЛГБТИ Центарот за поддршка, ХЕРА, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Субверзивен фронт.