Македонија
19. September 2016 - 14:12

Во Скопје презентиран меѓународниот проект „Сподели возило“

Развивање на јавната свест за заедничко патување низ градот заради намалување на загадувањето на средината и намалување на трошоците е целта на денешната презентација на меѓународниот проект „Сподели возило“, односно SocialCar, во кој учествува и градот Скопје.

Според градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски проектот „Сподели возило“ ќе ја искористи предноста на социјалните медиуми за комуникација, споделување информации и размена на корисни податоци за превозот со помош на иновативни алгоритми со цел да им овозможи најдобри известувања на патниците во реално време.

-  Проектот „Сподели возило” е начин за транспорт од една до друга локација преку споделување на нашето возило со нашиот сосед, нашиот колега, луѓето од истата населба, односно организирано заедничко патување во иста насока и време. Со овој проект сите може да дадеме придонес за заштита на животната средина, намалување на загадувањето и сообраќајниот метеж во нашиот град, истакна Трајановски.

Појасни дека проектот SocialCar е промоција на интелигентен транспортен систем, врз основа на иновативен пристап во управувањето со побарувачката за превоз, а особено во однос на услугата сподели возило во урбаните и пери-урбаните средини.

Василен Изјотов, координатор на проектот, на денешната презентација ги објасни можностите за имплементација на проектот за споделување возило, како и примерите на SocialCar сервисните модели од другите тест градови.

„Сподели возило“ има почетна цел да го истражи јавното мислење за превоз со заедничко возило. Прашањата што ќе им бидат поставени на граѓаните се: дали го споделувате своето возило со пријателите или со колегите, дали би учествувале во организирана мрежа за споделување возило и што би ве мотивирало да делите возило со други патници? Потоа, треба да се подготви софтвер-апликација за граѓаните лесно, едноставно и во реално време да добиваат информација за оној што споделува возило и за натамошното вклопување во системот на јавниот превоз.

Со „SocialCar“ ќе се утврди текот на обработката на податоци и ќе се осмисли софтвер кој ќе ги интегрира барањата за патување со понудата на јавно-приватниот превоз. Со сите интегрирани софтверски модули,  SocialCar ќе биде тестиран во 10 европски градови.

Презентацијата на проектот „Сподели возило“ е дел од активностите на Град Скопје на четвртиот ден од Европската недела на мобилност 2016 што се одвива под мотото „Сподели превоз, заштеди пари, зачувај ја средината“.