Македонија
17. December 2020 - 9:18

Во Скопје од Ковид-19 почина најмладата медицинска сестра

Следствено на 10-месечната борба со пандемијата, преоптоварениот здравствен систем, непочитување на превентивните мерки и затечени од лошата вест која ја примивме утрово, Унијата на ЗМСТАС информира за прерано згаснатиот живот на досега најмладата медицинска сестра – жртва на коронавирусот. Станува збор за 40-годишната сестра Ирена Дојчиновска Милошевска од Геронтолошкиот завод „13-ти Ноември“ во Скопје, која беше голем борец и хуманитарец во и вон своите работни обврски, велат од извршниот одбор на Унијата.

„Сакаме да апелираме и да потенцираме дека вирусот е навистина безмилосен и не постојат рамки на возраст во кој тој напаѓа. Ова не е првата жртва медицинска сестра, меѓутоа е најмладата. Медицинските сестри секојдневно го ризикуваат својот живот и животот на своите најблиски за пациентите. Ве молиме придржувајте се до мерките и помогнете на здравствениот систем кој одамна се бори вон своите можности“, изјавуваат од извршниот одбор на Унијата.

Унијата на ЗМСТАС велат дека сестра Ирена ќе ја паметат како некој кој несебично се давал во сите активности поврзани во нивната борба за сестринските права.

– Ќе ја паметиме како голем човекољубец, лојален соработник и голем пријател. Изразуваме сочувство до семејството и најблиските. Нејзиниот погреб ќе се одржи утре, на денот на нејзиниот роденден. „Ангелите никогаш не умираат“, велат од Унијата на ЗМСТАС.