Македонија
22. January 2019 - 14:08

Во Скопје ќе се ослободуваат заробените дрвја од градежен материјал

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов и деканот на Шумарскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Кирил Сотировски, денеска потпишаа Меморандум за соработка со што прецизно се утврдуваат обврските на двете институции во мапирање и ослободување на заробени стебла и корења на дрвјата со градежен материјал поставен при нестручно изведени градежни активности.

– Идејата за потпишување на овој меморандум произлезе од истражувањето на професорот Сотировски и неговиот тим во чии рамки се мапирани околу 500 локации во Скопје каде со неправилно изведени градежни активности во минатото биле зацементирани стеблата или корењата на над 500 дрвја на различни локации во градот. Град Скопје ќе изврши отстранување на градежниот материјал на точно утврдени локации со цел да се избегне оштетување на дрвјата по претходно извршена инспекциска контрола за утврдување на фактичката состојба и одговорноста за непрописно изведените градежни активности, рече на денешната прес-конференција градоначалникот Шилегов.

Шумарскиот факултет освен мапирањето на локациите каде постои опасност од оштетување на дрвјата, ќе обезбеди и стручна помош во обуката на лицата задолжени од Град Скопје, кои непосредно ќе ги реализираат теренските активности за отстранување на градежниот материјал.

Шилегов ги повика и градоначалниците на скопските општини да воспостават соработка со Шумарскиот факултет со цел да се лоцираат и отстранат овие пропусти кои се случувале во минатото и да превенираат ваквата состојба да не се повторува.

Деканот Сотировски ја поздрави брзата реакција на Град Скопје по нивното истражување и изрази надеж дека оваа акција е само почеток на многу заеднички активности за заштита и обнова на зеленилото во Скопје.

Сотировски објасни дека ова е всушност дипломска работа на еден студент кој работи под негово водство. Во моментов во Скопје има 500 загрозени дрвја, но веруваат дека во следните неколку месеци ќе стигнат до 1.000.

Тој информира дека заробени дрвја има околу булеварите и поголемите сообраќајниците. Според него, пречесто се бетонира и се поплочува до самото стебло и на тој начин дрвјата се животно загрозени и се повредуваат. Многу од нив ќе бидат исушени ако не бидат брзо ослободени.