Македонија
27. April 2017 - 9:59

Во Скопје 12 сообраќајки, потешко повредени две лица

Во изминатото деноноќие во Скопје се случиле 12 сообраќајни незгоди, од кои пет се со последица материјална штета, а пет со телесни повреди, во кои со полесни повреди се здобиле седум лица. Случени се две незгоди во кои со тешки телесни повреди се здобиле еден сопатник и еден велосипедист. 

Како што соопшти СВР Скопје, во  текот на изминатиот ден полицијата санкционирала 12 возачи кои се движеле со брзина поголема од дозволената. Двајца возачи не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, двајца возачи поминале на црвено светло на семафорот, а осум возачи ги управувале своите возила без возачка дозвола, односно нерегистрирани. Имало 25 непрописно паркирани возила.

Санкционирани се и тројца пешаци и четворица возачи на велосипеди со мотор, мопеди и мотоцикли кои сториле прекршоци по разни основи.

Со помош на специјалното возило „пајак“ отстранети се 68 возила.

Во рамки на сообраќајно-воспитниот проект „Сообраќајна култура на децата во предучилишните установи“, Одделението за превенција денеска ќе реализира едукативни работилници во градинката „Детска Радост“ објекти „Мимоза “ и „Темјанушка“ во општина Гази Баба. Ќе бидат реализирани едукативни работилници со децата од средна и голема група.

Одделението за превенција при СВР Скопје денеска ќе одржи сообраќајна поука на која ќе присуствуваат граѓани учесници во сообраќајот кои сториле прекршоци по разни основи во својство на возачи.

Вечер во 19:00 часот во спортскиот центар „Јане Сандански“ во рамки на Лигата на шампионите ќе се одигра маѓународен ракометен натпревар меѓу РК Вардар и Флензбург од Германија. Поради тоа што се очекува зголемен интензитет на сообраќајот, ќе биде воведен посебен режим на одвивање на соораќајот. Од 16 часот ќе биде затворен за соораќај булеварот „АСНОМ“ на потегот од крстосницата со булеварот „Србија“, за сообраќај ќе биде затворена и улицата „Васко Карангелески“ од крстосницата со булеварот „Јане Сандански“ спрема спортскиот центар „Јане Сандански“.

Од СВР Скопје апелираат до сите граѓани кои имаат намера да дојдат на ракометниот натпревар да ги почитуваат знаците и наредбите што ќе им бидат давани од страна на униформираните полициски службеници. Доколку дојдат со сопствени возила, да ги паркираат на околните дозволени паркинг простори.