Свет
28. May 2016 - 18:09

ОН: Во Сирија речиси 600.000 цивили живеат под опсада

Координаторот на ОН за хуманитарна помош, Стивен О'Брајан, изјави дека под опсада на вооружените групи во Сирија живеат околу 592.700 цивили, предупредувајќи дека нападите без правење разлика на цивили, училишта, болници, џамии и пазари и натаму минуваат неказнето и со целосно газење на меѓународното хуманитарно право.

Тој вчера, преку видео-линк од Женева, го информира Советот за безбедност на ОН во Њујорк дека сириската Влада во голема мерка ги ограничува можностите на ОН да допре до загрозеното население, објавено е на сајтот на Канцеларијата на ОН за координирање на хуманатарните прашања.

Според О'Брајан, од речиси 600.000 цивили, колку што во моментов живеат под опсада во Сирија, 452.000 се под опсада на сириската Влада во руралните делови на Дамаск и градот Хомс.

Останатите 110.000 лица под опсада ги држи Исламска држава во градот Деир ез-Тор, а 20.000 се под опсада на недржавните вооружени групи и фронтот Ал Нусра во Идлиб, додека 10.000 лица под опсада ги држи сириската Влада и недржавните вооружени групи во Јармук, во Дамаск, наведе О'Брајан.

-Овие податоци се шокантни и покажуваат дека ситуацијата за цивилите нагло се влошува, иако е на сила спогодбата за прекин на непријателствата, истакна О'Брајан.

Ток укажа дека веднаш треба да запре казнувањето на цивилите под опсада, а за тоа пред се се одговорни страните кои ја оддржуваат опсадата и рутински и систематски на луѓето им ги кратат основните животни намирници и слободата на движење.