Македонија
30. November 2019 - 13:29

Во штипското училиште „Димитар Влахов“ се реши проблемот со греењето

Во штипското Општинско  основно училиште (ООУ) „Димитар Влахов“ годинава е решен проблемот со затоплувањето на училниците. Миле Младеновиќ директор на ООУ „Димитар Влахов“-Штип вели дека инвестицијата во парните котли доаѓа од општината и од нивни сопствени средства.

– Го решивме и проблемот со затоплувањето на спортската сала. Поставивме 12 калорифери, со што го подобривме квалитетот на наставата по физичко, вели Младеновиќ.

Тој истакна дека извршена е и реконструкција на ходниците, со нови гранитни плочки, кои ја зголемуваат хигиената во самото училиште. Во текот на годината реконструирани се и кабинетите со најнова опрема, со што за учениците од повисоките одделенија воведена е кабинетска настава.

Во моментов се реновираат вкупно и 12 санитарни јазли во училиштето. Ова општинско училиште е едно од најголемите во Штип, каде што наставата ја посетуваат ученици од најголемите населби Сењак, Дузлак, Дузлачки рид и Света Недела.